Папата Франциск денеска за време на општа аудиенција ги повика луѓето од целиот свет да се сетат на Украинците во засолништата, истовремено заблагодарувајќи се на Полска што примила толкав број бегалци.

Прогласувајќи го денешниот ден за молитва и мир во Украина, во обраќањето до Полјаците Папата отстапи од подготвениот говор, истакнувајќи дека неговиот преведувач на полски јазик, отецот Виктор Гонгало, е Украинец.

„Неговите родители сега се во подземни скривалишта во близина на Киев, засолнувајќи се од бомбите. Кога сме со него, ние сме со сите луѓе што страдаат од бомбардирањата, вклучувајќи ги и неговите стари родители. Да се сетиме на тие луѓе во нашите срца“, рече папата Франциск.

Повеќе од половина милион Украинци ја напуштија државата од почетокот на инвазијата што Русија ја нарекува „воена операција“. Најголем дел од нив во Романија и Полска.

„Вие сте првите што ја поддржаа Украина, отворајќи ги границите, срцата и вратите од вашите домови за Украинците кои бегаат од војната. Великодушно им нудите се што им треба за достоинствен живот, независно моменталната драма. Длабоко ви благодарам и ве благословувам од срце, рече Папата.

Тој повика на вопоставување хуманитарни коридори како би им се помогнало на бегалците да заминат, притоа нагласувајќи дека оние што војуваат не би смеело да се залажуваат оти Бог е на нивна страна.

Кремљ тврди дека не сака да ја окупира Украина, туку да ги уништи нејзините воени капацитети, како и да ги отстрани екстремните националистите.

Ватикан уште првиот ден од воените активности повика да запре нападот, понудувајќи посредство во дијалогот меѓу Русија и Украина.