Папата Франциск денеска соопшти дека неделава ќе упати вонреден благослов „Урби ет Орби“ (кон Рим и светот), каков што вообичаено упатува само за Божик и Велигден.

Поглаварот на Римокатоличката црква ги повика верниците од цел свет да се молат за запирање на епидемијата од коронавирусот, пренесоа британските медиуми.

Папата оваа неочекувана најава ја даде при денешната редовна неделна литургија што преку Интернет и телевизија беше емитувана од Ватикан, место како што вобичаено тоа го прави пред луѓето што се собираат на плоштадот „Свети Петар“.

Одлуката на папата Франциск да упати специјален благослов ја потенцира сериозноста на ситуацијата со кризата во светот и особено во Италија, која пред два дена ја надмина Кина како земја со најголем број смртни случаи од Ковид-19.

Тој денеска кажа дека благословот ќе го даде во петок вечер од празниот плоштад „Свети Петар”. Плоштадот, како формален дел од Ватикан, ќе биде  затворен заради мерките во Италија против ширењето на коронавирусот.

Католиците, кои добиваат благослови лично или преку  медиумите, под определени ситуации можат да добијат и специјална индулгенција (опростување на гревовите).

Папата Франциск, исто така, ги повика христијаните од цел свет во среда попладне по италијанско време да запрат со работа и заедно да ја кажат молитвата „Оче наш”.

-Сакаме да одговориме на пандемијата со универзалноста на молитвата, на страдањето, на нежноста. Да останеме единствени, рече папата од својата библиотека.