Папата Франциск ги нападна главните кандидати за претседател на САД, бидејќи со борбата против мигрантите и бранењето на правото на абортус, и двајцата се „против животот“, и ги советуваше американските католици на претседателските избори да ја изберат опцијата која за нив е „помалото зло“.
– И двајцата се против животот, оној што протерува мигранти и оној што е за убивање бебиња. И двајцата се против бебињата, им рекол папата на новинарите во неговиот авион додека се враќал во Рим од турнејата низ Азија, прашан за тоа што би им советувал на католичките гласачи во САД на претстојните избори. Тој не ги спомнал по име републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, пренесува Бета.
Аргентинскиот језуит се оградил дека не е Американец и нема да гласа на тамошните избори, но сепак изразил јасен став за две жешки политички прашања во САД – правото на абортус и третманот на мигрантите – кои се исто така жешки теми и за Римокатоличката црква.
Голготата на мигрантите е еден од приоритетите на понтификатот на Франциск и често и емпатично зборува за нив.
За прашањето за абортусот, пак, иако силно го поддржува ставот на црквата за забрана, папата не го нагалсува тоа толку многу како неговите претходници.
Прашан што треба да се направи на изборите, Франиск смета е граѓанската должност да се гласа.
– Треба да гласате и да го изберете помалото зло, вели папата и додава „а кој е помалото зло – жената или мажот – не би знаел. Секој треба да ја повика својата совест, да размисли и да го направи тоа“.
Ова не е првпат папата Франциск да се осврне на американските избори. Во 2016 година, на прашање за планот на Трамп да изгради ѕид на американско-мексиканската граница за да го запре протокот на мигранти, папата одговори дека тоа „не е христијански“.