Папата Лав XIV денеска ја започнува четиридневната посета на Франција, при што на почетокот од посетата во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон.
Ова е прва посета на Франција на Лав XIV откако минатата година беше избран за поглавар на Католичката црква, што има околу 1,4 милијарди верници во светот.
По средбата со Макрон, папата ќе го посети седиштето на УНЕСКО – агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура со седиште во Париз.
Во вечерните часови Лав XIV треба да одржи миса на стадионот „Стад де Франс“, на која се очекува да присуствуваат околу 80 илајди луѓе.
Потоа папата ќе отпатува во Лурд, познато католичко место за аџилак во југозападна Франција, и во Мец, во близина на границата со Германија, каде што треба да одржи говор посветен на Европа.
Односите меѓу Ватикан и Франција не се без тензии. Католичката црква неодамна го критикуваше внесувањето на правото на абортус во францускиот Устав, како и законот за активна еутаназија.
Црквата, од своја страна, е соочена со критики поради начинот на кој се справува со случаите на сексуална злоупотреба во рамките на институцијата. Лав XIV во Лурд планира приватно да се сретне со седум лица кои биле сексуално злоупотребувани од католички свештеници.
Франција повеќе од еден век доследно го применува принципот на одвојување на црквата од државата, а Макрон не планира да присуствува на ниту една од мисите на папата.
Иако католиците и натаму се најголемата верска група во Франција, голем број жители на земјата повеќе не се изјаснуваат како припадници на религија.




