Додека над 400.000 граѓани живеат во сиромаштија, Владата на антимакедонската „есдеес“ доделува 400.000 евра на агенција Рејтинг за осмислување и реализација на еднодневен Фестивал на храна и вино и претставување на саем, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Да биде скандалот уште поголем, токму на тој саем, според информациите на медиумите е забрането користење на термините Македонија и македонски за производите кои ќе бидат презентирани, се вели во реакцијата од опозициската партија.
Додаваат дека очигледно Владата дала 400 илјади евра на агенцијата Рејтинг за да не се користи терминот Македонија во рекламите.
– Агенцијата Рејтинг јавноста ја познава по анкетите на јавно мислење во кои по правило предност и дава на СДС. Токму оваа агенција во сопственост на Никола Спасов среде криза добива буџетски пари за саем и фестивал за храна и вино, а во исто време земјоделците кои произведуваат храна, се молат за евро повеќе помош од владата. Ете до каде оди забеганоста на оваа влада предводена од антимакедонската СДС, нагласуваат од партијата.
Оттаму посочуваат дека во оваа агенција до скоро работеше и сегашниот шеф на кабинет на Ковачевски, Мартин Попов.
– Оттука се поставува прашањето дали со ваквите исплати на буџетски пари, владата на Ковачевски си наплатува нови анкети во кои ќе се шминка рејтингот на неговата однародена влада? Заради ваквото бесрамно трошење на народни средства, нема пари за граѓаните, нема пари за земјоделците, нема пари за стопанството. Додека агенцијата Рејтинг си обмислува фестивали за дебели хонорари, народот тоне во сиромаштија. За ова мора да има одговорност, стои во соопштението.
Сопственикот на агенцијата Рејтинг е син на поранешниот висок фукционер на СДСМ, Ѓорѓи Спасов.