Велика Британија треба да ги зголеми трошоците за одбраната за да биде сигурна дека ќе ја сочува својата водечка улога во воениот сојуз НАТО и соработката со САД. Тоа во извештај го препорача Комисијата за одбрана на британскиот Парламент.
Комисијата смета дека трошоците за одбраната треба да се зголемат до 2,5 проценти од БДП, во споредба со сегашните 2 отсто од БДП. А за да бидат подобрени способностите и капацитетите на вооружените сили, трошоците треба да пораснат до 3 отсто од БДП, се вели во извештајот.
Во фискалната 2016/2017 година, трошоците за одбрана на Велика Британија достигнаа 35,3 милијарди фунти (47 милијарди долари) и таа е една од ретките земји во НАТО, кои ја исполнуваат целта за 2 проценти одбранбени трошоци.
Кратењето на државните трошоци во последните десетина години ги засегнаа некои елементи од воените способности на Велика Британија и затоа премиерката Тереза Меј е под притисок да ги зголеми трошоците за одбраната.