Француската министерка за одбрана Флоранс Парли денеска изјави дека би сакала да „го одржи жив“ нуклеарниот договор со Иран и во исто време ја предупреди земјата дека би можела да се соочи со дополнителни санкции доколку не ги почитува презсемените обврски.
– Ништо полошо не би можело да биде доколку Иран своеволно го напушти Договорот, посочи Парли.
Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска предупреди дека Техеран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор и им даде рок од 60 денови на земјите потписнички да го исполнат своите обврски, посебно за банкарските и нафтените сектори.
Рохани посочи дека Иран ќе продолжи со високо ниво на збогатување на ураниум доколку светските сили не придржуваат до ветувањата дадени во рамките на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година.
Тој во телевизиското обраќање наведе дека земјите потписнички на Договорот – Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија имаат 60 денови да ги исполнат своите обврски за да ги заштитат нафтените и банкарските сектори на Иран од американските санкции.
– Ако петте земји се приклучат во преговорите и му помогнат на Иран да добие корист во областа на нафтата и банкарството, Иран ќе се врати на своите обврски од нуклеарниот договор, потенцира Рохани.
Тој посочи дека Иран сака да преговара за новите услови со преостанатите партнери, но призна дека ситуацијата е сериозна.
– Доколку истече рокот, а не се постигнат подобри услови, Иран ќе почне со поголемо збогатување на ураниум. Доколку другите земји ги исполнат барањата, Иран ќе се врати на првичните ветувања од нуклеарниот договор од 2015 година, наведе Рохани во писмата испратени до лидерите на Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Европска Унија.
Обраќањето на Рохани се совпаѓа со годишнината од повлекувањето на САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.