Партијата Националниот собир на Марин Ле Пен, според првите проценки од денешното гласање победи на европските избори, јавува дописникот на МИА.
Крајно-десничарската партија предводена од Жордан Бардела доби 24 отсто од гласовите, односно може да се надева на 22 до 26 пратенички места во Стразбур.
Партијата на претседателот Емануел Макрон доживеа пораз, со 22,5 отсто од гласовите, односно листата предводена од Натали Лоазо ќе има меѓу 20 и 24 седишта.
Листата на Европа Екологија предводена од Јаник Жадо се наметна како трета политичка сила со 12,5 отсто од гласовите и со можност да има меѓу 11 и 14 европратеници.
Републиканците од семејството на Народните партии, предводена од Франсоа-Ксавие Белами падна на само 8,5 проценти од гласовите со само 7 до 10 европратеници.
Непокорна Франција на Жан Луи Меланшон, предводена од Манон Обри освојѕва 6,5 отсто од гласовите, исто како и листата на Рафаел Гликсман Желба за еколошка и социјална Европа (социјалистичка партија), двете листи можат да се надеваат секоја на 5 до 8 европратеници.
Значи мобилизацијата на француските гласачи од кои дури 51,3 отсто излегоа да гласаат, што е највисоко учество на европските избори од пред 30 години, очигледно беше во полза на крајната десница и еколозите, но и отфрлање на политиката на Емануел Макрон, кој вечерва губи дел од своето влијание во Европа.