И покрај најавата од Бојан Јовановски – Боки 13 дека ќе се кандидира за лидер на владејачкиот СДСМ, во демократската трка за претседател на владејачката партија има само еден кандидат, Зоран Заев.

СДСМ соопшти дека Заев е единствен кандидат за нов партиски претседател на првите непосредни внатрепартиски избори на 21 март.

Централната изборна комисија вчера одржала седница на која биле потврдени и објавени кандидатурите за претседател на СДСМ, согласно со Правилникот за критириумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ.

– Поради тоа што немаше други пријави, Централната изборна комисија донесе Одлука за прифаќање на пријавата за кандидатурата на Зоран Заев, ја утврди и ја објави единствената листа на кандидат за претседател на СДСМ, а тоа е Зоран Заев. Првите непосредни, внатрепартиски избори ќе се одржат на 21 март. Над 80 000 членови со право на глас ќе можат да гласаат за новиот претседател на СДСМ, се наведува во партиското соопштение.

Претходно беше отворен јавен повик за поднесување кандидатури за претседател на кој, наведува СДСМ, можеше да се пријави секој член кој ги исполнува условите согласно Правилникот.

– Со овој крупен исчекор кон демократизација и модернизирање на партијата, СДСМ поставува нови стандарди во политичкото дејствување во државата, што ќе придонесе и за демократизација на целото општество.  Токму затоа СДСМ ја ужива довербата од граѓаните, токму затоа победува но и постојано се менува, за уште подобро да им служи на граѓаните и државата, информира СДСМ.