Денес во Основниот суд 1 во Скопје продолжи судењето за предметот протести во општина Центар, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и повеќе други лица.
Единствени сведоци против обвинетите се советниците на СДСМ кои сведочат против дел од лицата кои демонстрирале и против Даниела Рангелова, тогашна советничка во општинскиот совет од ВМРО-ДПМНЕ.
Сведоците, тогашни функционери на СДСМ, всушност држеа класични политички говори во судницата и се натпреваруваа кој повеќе ќе ги наклевети обвинетите. Сите нивни говори всушност се сведуваа на тоа дека демонстрантите ги исплашиле и вознемириле советниците на СДСМ со тоа што им довикувале со зборовите ,,комуњари, антихристи, Андрејчо, Андрејчо, антифашисти и слично. Што од тоа може да предмет на кривично дело и што од тоа е битно за еден ваков кривичен прогон навистина не е јасно, но јасно дека СЈО во очај и недостаток на други докази, мора да се служи и со вакви конструкции. Така доаѓаме до ситуација дека извикувања на нормални политички демонстрации, прифатливи за секоја демократска држава, стануваат предмет на сведочење во судница и така доаѓаме до ситуација во која само во Македонија демонстрациите се преточуваат во обвинение за насилство со образложение дека предизвикале вознемиреност и чувство на несигурност кај оние против кои се демонстрирало.
Интересно е што ниту еден од обвинетите кои демонстрирале нема ниту повредено, ниту удрено некого. Истото се гледа и од снимките, а сепак се обвинети за насилство. Дел од тие што протестирале само држеле говори, некои само биле дел од толпата, а некои воопшто и ги нема во групата која протестира, а сепак се обвинети за насилство. Сето насилство се сведува на тоа дека советниците на СДСМ биле вознемирени од демонстрациите.
За потсетување при протестите на СДСМ пред бараките на град Скопје, во летото 2012-та, против промената на имињата на улиците во Скопје, не само што тропаа на бараката за да го попречат работењето и ги искршија стаклата на прозорите и влезната врата, туку на чело со Шиповиќ насилно влегоа во просториите на град Скопје туркајќи го обезбедувањето. Обвинителството тогаш покрена, но потоа го повлече обвинението за насилство против Шиповиќ.
Исто така за време на Шарената револуција насила се влезе во просториите на Претседателот на државата, истите беа запалени, а класично насилство со повредување на полицајците имаше континуирано речиси секоја недела.
Интересно е што еден од обвинетите го праша сведокот, советник на СДСМ, дали препознава некој од обвинетите што повредил некого, прашање на кое протестираше СЈО и судијата го забрани. Следеше бурна реакција на обвинетите, а судијата одговори дека не се обвинети дека некого повредиле. Зни нема повредени, но има обвинение за насилство.
Инаку, од стручната јавност има коментари дека е потребна сериозна обука на судиите за т.н. вкрстени прашања, бидејки секој судија различно ги разбира и спроведува.
На денешното рочиште не дојде Ејуп Алими од ДУИ со образложение дека имал обврски во Собранието. Ова е втор пат како Алими отсуствува, претходно за гласањето на договорот со Грција во Собрание исто така отсуствуваше, а судијата го одложи рочиштето.