Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, најголемиот сојузник на претседателот Владимир Путин, вети дека ќе им помогне на земјите од Латинска Америка да се спротивстават на, како што рече, американските обиди да се мешаат во нивните внатрешни работи.

Овие тврдења Патрушев ги изнел во Никарагва, на чие чело е поранешниот герилец Даниел Ортега, и по состанокот со поранешниот кубански лидер Раул Кастро во Хавана.

Патрушев рекол дека земјите од Латинска Америка се добро запознаени со обидите на САД да извршат економски и политички притисок врз оние чија политика не му одговара на Вашингтон.

– Латинска Америка останува важна зона на мирот, еден вид остров на стабилност. За нас е важно повеќе земји од тој регион да се стремат кон независни политики, рече Патрушев во Манагва.

Тој додаде дека Москва ќе продолжи да „дејствува во рамките на постоечките средства за да спречи мешање во внатрешните работи на земјите, како и кампањи за дискредитација на нивните легитимни власти, заплашување на нивното население и дестабилизација на нивните економии“.

Војната во Украина ја предизвика најголемата криза во односите меѓу Русија и Западот од 1962 година и кубанската ракетна криза, тврдат руски и американски дипломати.

Откако Западот воведе санкции кои американските и европските лидери ги нарекуваат најстроги санкции против големата економија, Русија се сврте од Европа и САД и ги зајакна своите врски со земјите од Азија, Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка.

Патрушев на неговата турнеја во Латинска Америка треба да ги посети и Боливија и Венецуела, каде што, како и во Куба и Никарагва, на власт е левичарската влада со ладни односи со Вашингтон.

Патрушев рече дека развојот на добри врски со Латинска Америка и Карибите останува „еден од клучните приоритети на Москва“.

Во Куба, Патрушев и Кастро разговарале за соработка во областа на безбедноста, соопшти рускиот Совет за безбедност.

„Николај Патрушев му потврди на Раул Кастро дека Москва останува посветена на духот на стратешкото партнерство меѓу двете земји“, се вели во соопштението. јт/

Фото: Скриншот