Вонредната состојба може да дојде на маса, не за носење мерки кои ќе го спречат ширењето на вирусот, туку за справување со економската ситуација, бидејќи во тој случај Владата може да владее преку уредби со законска сила, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Тој посочи дека полека влегуваме во сериозна економска криза и дека веќе се огромни се економските штети од фирмите и дуќаните кои не работат.
– Последната проценка на Светка банка за овој квартал е дека ние можеме да се надеваме на раст од максимум од 0,6 до еден процент. Нивната проценка претходно беше меѓу 3,5 и 3,8 проценти и тие велат со тенденција и тоа да не биде така, што значи ние ќе влеземе во рецесија ако не преземеме нешто. Што е проблемот. Ако имате вонредна состојба, во тој случај Владата може да владее преку уредби со законска сила. Владата владее и може да се задолжува на светскиот пазар, затоа што и е јасно дека сегашната буџетска поставеност на долг рок не може да издржи. Задолжувањето на државата кај нас се прави преку закон, како да направиме закон кога Собранието не постои, изјави Пендаровски во гостувањето во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Според првичните проценки, посочи тој, на една од стопанските комори, дека ако продолжи ова темпо ќе ни бидат потребни позајмици во висина од 500 до 700 милиони евра.
– Тие пари ги немаме и мора да се задолжиме. Нема начин да се задолжите ако Собранието не работи или ако нема вонредна состојба во која Владата ќе го бајпасира Собранието во овој сегмент. Апсолутно е јасно дека македонскиот буџет никогаш неможел да издржи ваков огромен товар. Тоа е јасно, изјави Пендаровски.
Шефот на државата посочи дека вонредната состојба дава и една правна сигурност, бидејќи, како што рече, ова што досега го прави државата со тоа што ограничува угостителство и движење е повреда на основни човекови слободи и права.
– Луѓето кои тоа го применуваат на терен, велат дајте ни правен основ, бидејќи ние во моментов објективно во некои делови ги редуцираме човековите слободни и права, а тоа не е возможно освен ако немате воена или вонредна состојба. Никој не сака утре да одговара. Во тој дел вонредната состојба дава правна сигурност, потенцира Пендаровски.