Интензивирање на стратешкиот дијалог со ЕУ за забрзување на пристапувањето на регионот кон ЕУ, зајакнување на реформите на Западен Балкан, подготовки за проширување на Унијата, но не подоцна од 2030, развој на регионалната соработка и добрососедството, справување со климатските промени, задржување на младите… Ова се дел од клучните заклучоци во Декларацијата, која денеска во Скопје, ја усвоија лидерите од Западен Балкан, заедно со хрватскиот и словенечкиот претседател, во рамките на процесот Брдо-Бриони.

Околу прашањето на добрососедските односи, тема која силно ја засега евроинтеграцијата на земјава, шефот на државата Пендаровски и домаќин на собирот, беше јасен – „ако се инсистира на решавање историски прашања, никој од Западен Балкан нема да влез во ЕУ“, рече Пендаровски.

„По однос на нашите аспирации досега, јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Во последните три години посебно, ние имаме сериозен дебаланс во таа смисла, бидејќи билатералниот проблем со Бугарија ја покри целокупната традиционалната европска агенда за проширување. Ние се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени, бидејќи ако инсистирате на Западниот Балкан да бидат решени чисто билатералните спорови, посебно ако се базираат на историја или на емоции, тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ било кога“, рече претседателот Пендаровски.