Со полагање цвеќе пред споменикот на народниот херој Стеван Наумов Стив, кај Офицерскиот дом во Битола, денеска се одбележаа 80 години од неговото загинување, како и на Мите Богоевски, соопшти Општина Битола.

– Во името на општина Битола, цвеќе положија заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и делегација на Советот на општина Битола, како и претставници на општинската организација на Сојузот на борци, ученици и претставници од ОУ „Стив Наумов“ и членови на семејството на народниот херој. Дел од учениците се претставија со свои рецитали, посветени на Стив Наумов и неговата желба за ослободување на Македонија, се вели во објавата на официјалниот профил на Општина Битола на Фејсбук.

Стив Наумов, на 22 годишна возраст, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски.

На денешен ден, да не паднат живи во рацете на бугарските фашистички окупатори, сами си го одзедоа животот Стив Наумов и Мите Богоевски. По нивната смрт окупаторите се изживувале врз нивните тела, како што денес повторно се изживуваат над историја, бришејќи ја и менувајќи ја.

Вечна им слава на македонските херои, нивната жртва нема никогаш да биде заборавена.