Експретседателот Стево Пендаровски во синоќешното интервју за „360 степени“ на МТВ најави враќање во политичките води под услов ако се создаде широка коалиција што ќе може да ја порази власта на ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини, рече Пендаровски.

На прашањето зошто и како е можно ако на власта не ѝ оди добро да има добри рејтинзи, тој одговари „затоа што опозицијата не е консолидирана“.

– За жал, опозицијата, зборувам за целата опозиција, сè уште се нема опоравено од изборниот пораз и е еден процес, да бидеме реални, кој не почна 2024 г. туку трае пет-шест години наназад по тешките политички одлуки како Северна, СЈО итн, рече Пендаровски.

Пендаровски апсолутно ја поддржува идејата за голема коалиција затоа што нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја победи ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини.

Пренесуваме дел од интервјуто во кој Пендаровски говори за неговото враќање во политиката:

Кога се зборува за иднината на СДСМ, се спомнува и вашето име. Вие и преку вакви настапи сте политички активен, но од позиција на ексшеф на државата. Има ли амбиција кај вас за реактивирање во политиката?

Пендаровски: Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа.

Ова малку зихерашки звучи – би се активирал ако има шанса да го победиме ВМРО?

Пендаровски: Значи, јас ви велам – јас сам не можам да го победам ВМРО-ДПМНЕ. Никој сам не може да победи владејачка партија. Мора да направите организациска структура и политички субјекти налик на она што беше во 2016 г. во декемвриските избори – значи кога Заев ја предводеше таа коалиција во која имаше невладини, граѓански здруженија, политички партии мали, големи, какви било, помали етнички заедници. Инаку, јас многу би сакал да можам самиот да победам која било владејачка партија, ама не сум толку моќен. Никој не е моќен.

Би се вратиле со каква улога?

Пендаровски: Да придонесам, да бидам дел од една таква коалиција, се разбира.

Имате ли амбиција да бидете лидер на СДСМ?

Пендаровски: Не, не, не – никогаш, затоа што јас сум бил активен политички околу 20 години, секогаш со таа страна од политичката поделба, да ја наречеме, или во тој блок и тоа никогаш не сум го користел.

Се појавија шпекулации, медиумски наводи, дека размислувате да формирате партија. Има ли нешто такво?

Пендаровски: Тоа се традиционални стандардни спинови на владејачката партија – тие не доаѓаат од СДСМ, доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие беа последица на дел од вашите критики за тоа дека СДСМ не успева да го капитализира лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ?

Пендаровски: Па, еве и сега, после овој дел од нашиот разговор, може да излезат, веројатно ќе излезат – овој стварно мисли дека треба да се направи политичка партија и на таков начин да се враќа во политика.

Фото: Архива