Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата, рече претседателот Стево Пендаровски на денешата амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.
Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.
Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западерн Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.
-Проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ се уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа. Добар дел од надворешната политика моментно е прекоупирана со кризата во Украина, но потребен е посебен ангажман на Западен Балкан, истакна претседателот.
За одржливоста на македонскиот надворешнополитички курс, рече дека за жал, постојат извесни негативни тенденции.
-Се повеќе анкети покажуваат дека се намалува поддршката за европските интеграции, се намалува повеќе од просекот на Западен Балкан или, со други зборови, се повеќе наши граѓани се изјаснуваат во прилог на некоја од можните алтернативи на ЕУ. Генрално, сликата не е толку темна и лоша. Се уште добро котираме во тој дел зашто направивме прилично тешки компромиси за кои плативме голема цена, а дел од таа цена е намалената поддршка од граѓаните кои сметаат да бидеме веќе длабоко во преговори со ЕУ. Таа цена, ако продолжи блокадата, очекувам да се зголемува зашто годинава ќе комплетираме 17 години како земја кандидат за членство. Се повеќе се приближуваме до неславниот рекорд на Турција која со децении преговара и е практично замрзната во преговорите, рече Пендаровски.
Тој напомена дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив. Но, важен сегмент за одржливоста, укажа, е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.
-Ако сакаме да бидеме дел од западноеврпките организации и да имаме поддршка од граѓаните, тука ќе треба да покажеме добри резултати, посочи Пендаровски.
Според него, добри вести стигнуваат од двата мотора – Германија и Франција. Новата германска Влада продолжува со несмалено темпо да ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, посебно на земјава, а Франција и наспроти фактот дека ќе има претседателски избори, настапува со сосема поинаква реторика.
-По моја проценка последните два настапа на францускиот претседател е реторика неколку нивоа над во прилог на интеграцијата на регионот. Тој вели дека Западен Балкан не е само географски дел од Европа и дека не смее повторно да му се заврти грб. Тоа е добро, напомена Пендаровски.
За нонпејперите од непознато потекло кои циркулираа во регионот, оцени дека не успеаја да направат рефлексија врз надворешните политики на европските држави, освен во медиумите.
-Сепак, не влијаеа врз политиките на главните европски центри или на сите членки на ЕУ, посебно иницијалниот нонпејпр во кој се зборува наводно за конечно решение на југословенскиот распад. Во суштина се зборува за промнена на границите. Тоа е добро што по мене покажува дека веројатно неформалниот иницијатор на тие нонпејпери доаѓа од регионот, не од Европа и пошироко, рече Пендаровски.
Тој смета дека е одлична вест засилениот ангажман на европската заедница во Западен Балкан. Првпат по 30 години независност, предочи, посебни пратеници од три држави во ист период се занимаваат со регионот.
Пендаровски се осврна и на безбедноста во регионот, спомнувајќи ја ситуацијата со БиХ, но и дијалогот Приштина – Белград кој, како што истакна, се одвива со забавено тепмо и главно на техничко ниво.
На крај заклучи дека не може да има подобра регионална соработка ако нема добра регионална инфраструктура, порача Пендаровски и ја повика ЕУ побрзо да го реализира Планот за обнова зашто и тоа придонесува за поголема поддршка и доверба од граѓаните.
Во поздравната реч, претседателот на Советот на амбасадаори, Мухамед Халили истакна дека насловот на дебатата е базиран на две претпоставки и една констатција.
-Првата претпоставка е дека нема никогаш да заврши интеграцијата на земјите од Западен Балкан, а втората е дека процесот ќе заврши. Двете претпоставки се базирани на декларациите на самитите на Европскиот совет, од 2003 до 2020 година. Првата претпоставка нема резон да опстои зашто иднината на Западен Балкан е во ЕУ и тука нема дилеми. И втората дилема мислам дека е разрешена зашто е јасно искажана заложбата на земјите членки на ЕУ дека државите од Западен Балкан имаат европска перспектива, подвлече Халили.
Амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“ се одржува во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Советот на амбасадори. Говорници се и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски, како и евроамбасадорот Дејвид Гир. Ќе зборуваат и амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.