Владата е децидна дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври и дека скопјани нема да останат без парно греење, но ако нема за граѓаните солидарно ќе се исклучиме и ние во вила Водно, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски за ТВ Телма.
– Колку што јас знам околу 60.000 скопски семејства се греат на парно и ако тука крахираат, јасно ќе биде дека во еден дел не го испорачуваат она што го ветиле пред граѓаните, рече Пендаровски во емисијата Топ тема.
Прашан дали вила Водно ќе се грее на парно од 15 октомври, Пендаровски рече дека ако има греење за сите останати граѓани во Скопје, тогаш и тие на Водно ќе се греат на ист начин.
– Ако нема за останатите во Скопје, ние ќе го исклучиме греењето. Нема да имаме никаква привилегија во таа смисла, ви гарантирам, рече Пендаровски.
Шефот на државата „според она што тој го знае“ ќе има доволно и струја:
-Според она што го знам и јавно е познато до овој момент, Владата тврди дека нема да има рестрикција на струја. Владата тврди дека ќе имаме проблеми да набавиме енергенси по релативно пристапани цени за нашата економија. Но, дека ќе има количини, ќе има, рече Пендаровски.