Софија засега не дава сигнали за промена на ставот и услишување на барањата од Скопје за тргање на ветото и отворање на преговорите за влез на Република Македонија во Европската Унија.
Претседателот Стево Пендаровски вели дека не гледа значителна промена во однесувањето на Бугарија и смета дека шансите за деблокада до крајот на јуни се половични.
Во интервју за Еуроњуз, Пендаровски истакна дека и покрај сите случувања на европскиот континент со руската инвазија на Украина и сите геополитички мотиви што го доведуваат во прашање концептот на обединета Европа, бугарската позиција сè уште е тешка, и не се забележани значителни промени, во пресрет на одлуката на Брисел што се очекува до крајот на јуни.
– Но, ако ме прашувате мене, ако прашувате за моето внатрешно чувство – во С. Македонија сум познат како политичар кој го кажува своето мислење. Немам еден личен или друг официјален став. Ќе ги ценам нашите шанси за почеток на преговорите, конечно по 17 години во кои сме кандидат, на помалку од 50 отсто, рече претседателот Пендаровски.
Бугарија, посочува шефот на државата, пробува да го имитира однесувањето на Грција кон Македонија во последните децении, поставувајќи предуслов за влез во Унијата, но бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките со оспорувања на македонскиот идентитет.
– Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец“. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност, ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем, вели претседателот Пендаровски.
Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.
Пендаровски смета дека е потребно да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Унијата, а не да се дискутира за 19 или 20 век и за спорни историски прашања.
Обесхрабрувачка е и изјавата на потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин, член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и поранешен министер за надворешни работи, кој вели дека Бугарија во моментов нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.
Во изјава за Бугарската национална телевизија, Вигенин вчера посочи дека не е сигурен дали е време да се носи нова декларација во врска со „прашањето за РСМ“, во услови кога нема нов момент во однос на темата.
Според него, неприфатлив е ставот на бугарскиот премиер Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот за национална безбедност за преговорите со Македонија, само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите, бидејќи не може само „да се седи од двете страни на границата и да се чека нешто да се случи“.
– Немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП, додаде Вигенин.
Ставот на бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, пак, е сосема различен и вели дека доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите, тогаш тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што не е во полза на меѓународниот имиџ на Софија.
Ќучук вчера изјави дека ЕУ очекува од Софија да даде зелено светло на преговорите за членство на Македонија во Унијата, додавајќи дека не постои начин како да им се објасни на идните генерации во Бугарија дека Албанија може да го започне преговарачки процес, а на „оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ“.
Според него, ако постои притисок од европските институции врз Бугарија, тоа не претставува надворешен, туку легитимен притисок, бидејќи и бугарскиот премиер Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска се дел од преговарачкиот процес на ЕУ.
-Бугарија и РС Македонија мора да се вратат на прагматичен пристап и да ги најдат сите можни дипломатски и политички решенија за билатералното прашање, вели тој и е дециден дека ЕК може да обезбеди доволно гаранции за почитување на човековите права и слободи, но вели и дека историските прашања се многу болни за ЕУ.
Според него, едно прашање е вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на земјава, а сосема
друго е нивното функционално интегрирање во општеството.
Во врска со ова прашање, претседателот Пендаровски вели дека е една од ретките работи за којашто се сложуваат владејачката и опозициската партија зо земјава и оти немаат проблем со вклучување на Бугарите во Уставот.
Но, од друга страна тој нагласува дека ова треба да биде врзано со рок и гаранција дека е последно барање од бугарската страна, зашто во спротивно, секој месец или секоја година ќе мора да продолжат да ги убедуваат граѓаните дека треба да се смени нешто, било да е тоа Уставот, законите или нешто друго.