Претседателот Стево Пендаровски при вакцинирањето денеска против САРС КОВ 2 во КУманово, изјави дека доколку Собранието по втор пат го изгласа Законот за легализација ан дивоградби со мнозинство од 61 пратеник, ќе го потпише указот за негово стапување во сила.
-Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има тн. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени во предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, 61, немам избор, рече Пендаровски.
Тој сепак кажа дека има најави дека владеачкото мнозинство ќе расправа одново по него и ќе го донесе по втор пат, но и дека има најави дека ќе бидат поднесени огромен број амандмани за да се блокира неговото донесување.
Ако законот биде повторно усвоен, нагласува претседателот, тој нема да биде задоволен бидејќи останува на ставот дека тој закон не е добар.