Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на изложбата „Уметноста на досадата“, што од денеска е поставена во резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија во Скопје. Станува збор за дела на македонски уметници од различни генерации, инспирирани од наметнатите состојби поврзани со пандемијата на Ковид-19.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Републиката, заблагодарувајќи му се на амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир за организацијата на изложбата, Пендаровски ја оцени како оригинален начин за поддршка и промоција на македонските ликовни уметници.

– Со пандемијата дојде отуѓувањето на еден од друг, стравот, здодевноста, монотонијата, но, во исто време и креативностa, визијата, вештината и волјата за создавање. Токму уметниците со своите идеи и енергија успеваат да ги претворат болката, траурноста и сивилото на нашето секојдневие во прекрасни уметнички дела. Се радувам што на оваа навистина интересна тематска изложба имаме дела од различни генерации македонски уметници кои достојно ја презентираат македонската ликовна сцена и кои сведочат за трајноста на уметноста, наспроти минливоста и често ефемерноста на животот, рече претседателот Пендаровски.

На изложбата се прикажани дела на македонските уметници Петар Хаџи-Бошков, Маргарита Киселичка, Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска, Филип Велковски, Јасмина Главинче, Игор Таневски, Давид Атанасоски, Антонио Пиркоски и Александар Ефтимовски.