До овој момент нема никакво зголемување на бројот на мигранти на јужната граница освен она што е вообичаено за овој период од годината, ниту пак има назнаки за некаков бран кој деновиве ќе оди кон нашата територија, нагласи претседателот и врховен командант Стево Пендаровски при денешната посета во Гевгелија на армиските припадници кои ја обезбедуваат нашата јужна граница.

Тој најави дека на 5 март ова прашање на ниво на министри за надворешни работи, ќе биде разгледано од страна на ЕУ, затоа што, како што рече, е со пропорции од 2015 и 2016 година што една држава, особено мала и која не е членка на ЕУ, не може сама да го реши.

-Што се однесува до нас, ние сме дел од еден поширок низ на држави кои мора да бидат подготвени па макар како транзитна држава. Искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока така што не очекувам и да има евентуален прилив на бегалци наредниов период дека ние ќе бидеме изненадени, рече Пендаровски.

Врховниот командант посочи дека државните органи на дневна основа следат што се случува тука, оти од неодамна е активиран и новиот орган за координација на службите, како и дека од пред два дена е зголемен од 10 до 15 пати и армискиот контингент, но не, како што рече, во очекување на некој голем бегалски бран, туку во очекување на тоа што евентуално може да се случи за да не не фати неподготвени.

-Ако можевме со највисоки оценки да го завршиме менаџментот на кризата 2015 и 2016 година со транзитот над 1,3 милиони луѓе низ нашата територија, сега не дај боже да дојде таква ситуација, меѓутоа ние сме подготвени. И повторувам тоа не можеме да го направиме сами освен со одлична соработка со партнерските држави во рамки на НАТО Алијансата и се разбира со нашиот сосед Грција, бидејќи кога би дошол прилив на бегалци би дошол по таа балканска рута, значи Турција, Грција и понатаму кон север, нагласи Пендаровски и посочи дека можеме во секој момент да побарме и поголема меѓународна помош до колку има потреба од тоа.

 

За време на престојот во Гевгелија претседателот Пендаровски го посети привремениот транзитен центар Винојуг, а се сретна и со припадниците на граничната полиција и на Фронтекс.