Претседателот Стево Пендаровски во изјава за „Еуроњуз“, говорејќи за актуелни прашања поврзани со односите со Бугарија, посочува дека „сè уште се бори да најде оправдување зошто настаните што се случиле во далечното минато имаат толку несразмерно влијание врз судбината на неговите граѓани денес.
-Не можам да му објаснам на просечен македонски гласач или граѓанин зошто е важно за влезот во ЕУ – организација основана во 1957 година, во 20-иот век – каква етничка припадност имал Гоце Делчев или некој друг херој-основоположник, како цар Самуил пред десет века, вели претседателот.
И додеката дебатата за македонскиот идентитет што доведе Бугарија да стави вето на пристапот на нејзиниот сосед во ЕУ, која, како што се посочува во написот на Еуроњуз, влезе во третата година, македонскиот претседател вели дека сè уште верува оти новоизбраните премиери Петков и Ковачевски можат да го решат ќор-сокакот, како „млади луѓе кои доаѓаат надвор од политичкиот мејнстрим [кои] зборуваат различен јазик”.
Билатералниот договор за добрососедски односи од 2017 година, потпишан од премиерите Заев и Борисов, се сметаше за важен момент во постојано растечките позитивни ставови меѓу двајцата, потсети Пендаровски.
-И потоа, одеднаш – сè уште не знам кој е главниот мотив кој стои зад тоа – почнаа да зборуваат за историјата, за тоа дека историјата е предуслов за напредок кон Брисел, и можам да ви кажам дека сите ние на овој крај на овој политички јаз, или дискусија ако сакате, бевме фатени во тесно и неподготвени… Дури и денес, навистина не сум сигурен за вистинските мотиви на нивната страна, за тоа зошто историјата беше толку важна за нив. Тоа никогаш не ѝ се случило на ниту една друга земја кандидатка за членство во ЕУ, рече Пендаровски.