Македонија нема да разговара за темата идентитет со соседна Бугарија, е ставот на претседателот Стево Пендаровски, кој во интервјуто за МИА денеска вели дека сигурно нема да зборуваме за тоа кои сме и што сме.
-Одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот акциски план практично не одговора на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме, не го споменуваме во акцискиот план бидејќи е надвор од било какви преговори. Ви реков можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме и што сме, потенцира шефот на државата за МИА.
Истовремено, претседателот Пендаровски не верува дека дека во наредните три месеци, односно пред парламентарните избори во Бугарија, може да се убеди соседот да го крене ветото за Македонија.