Додека Законот за попис чека на гласање односно погоден момент ога власта ќе може да собере 61 пратеник присутни во алата при гласањето, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека пописот како што го планира власта без општествен консенсуз е гаранција за поларизација на граѓаните и инсистираат предлог законот да биде повлечен во спротивно ќе ја активираат иницијативата за предлог закон за поништување на актуелното законско решение.

Истакнуваат дека веќе ги подготвуваат документите за собирање потписи до граѓаните за предлог законот, а ако власта на сила го изгласа Законот за попис, тие ќе бидат поднесат до Министерството за правда, велат од партијата. Остануваат на барањето овој закон да се повлече, кој како што тврдат е дел од политичките пазарења меѓу СДСМ и ДУИ и да се донесе нов. Истовремено Христијан Мицкоски на својата фејсбук страна има објавено и петиција во која ги повикува граѓаните да ја потпишат за да се донесе нов закон за попис.

„Таа акција ќе биде спроведена онака како што треба преку подрачните единици на Министерството за правда луѓето ќе можат да се потпишат во подрачните единици низ градовите, а бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство и целта е тоа да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција попис поддржана од сите“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.