Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, изјави дека Анкара се надева оти преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран ќе завршат со позитивен исход уште денеска и ќе доведат до брзо обновување на прекинот на огнот и повторно отворање на Ормуската Теснина.

На заедничката прес-конференција со сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал Шибани, Фидан рече дека Турција ќе продолжи да ги поддржува разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.

Тој оцени дека кризата во Персискиот Залив има сериозни последици и врз ситуацијата во Појасот Газа, бидејќи го одвлекува вниманието на меѓународната заедница од случувањата во палестинската енклава.

Фидан повторно ги критикуваше израелските активности во Сирија, оценувајќи дека тие го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата, и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел.

Сирискиот министер Ал Шибани, пак, изрази поддршка за итен прекин на конфликтот во Персискиот Залив и ги осуди иранските напади врз земјите во регионот.

Тој истовремено повика израелските сили да се повлечат на позициите што ги држеле во јужна Сирија пред 8 декември 2024 година и побара повторно спроведување на Договорот за раздвојување на силите од 1974 година.

МИА