Кај сите политички лидери на Балканот, без исклучок, постои уверување дека по тешките одлуки што ги донесовме изминативе три години, С. Македонија гради нова политика кон соседите и забрзано се интегрира во евроатлантските структури, вели во интервју за „Слободен печат“ претседателот Стево Пендаровски.
Покажуваме, истакнува претседателот, како во регионот на сè уште проблематичниот Балкан, политиката може да се води на поинаков начин, со манир на европска земја, која денес генерира стабилност.
На прашање дали предвремените парламентарни избори се неповратно изгубено реформско време, беа ли голема грешка или неминовност, Пендаровски одговара дека изборите се резултат на договорот на лидерите на најголемите парламентарни политички партии кој дојде во еден специфичен период, по недонесувањето одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври минатата година.
-Иако земјава ги исполни предусловите за почеток на преговорите, Советот на ЕУ одлучи да се наврати на прашањето на проширувањето напролет, а негативната рефлексија на таа ситуација, најпрво, ние ја почувствувавме. Фактот дека лидерите на политичките партии едногласно се согласија за предвремени избори е пример за практицирање на зрела демократија. Не сметам дека се изгубено време, туку, напротив, во дадениов момент, изборите се можност за обнова и проверка на политичкиот легитимитет на партиите во новиот политички контекст, вели Пендаровски.
На прашање дали треба да се укине т.н. пржинска влада, претседателот Пендаровски одговара дека пржинската влада се наметна како политичка потреба на специфичниот политички контекст на времето во кое беше формирана.
-Објективно, во време на длабоката политичка криза во 2016 година, техничка или преодна влада за спроведување на изборите беше потребна. Кога нивото на недоверба меѓу партиите ќе биде помало од денес и кога ќе имаме друго ниво на политичка култура, најверојатно, ќе се постави прашањето за потребата од понатамошно спроведување на тој модел. Но, факт е дека за какви било измени во таа насока ќе биде потребен широк политички консензус, посочува Пендаровски во интервјуто за „Слободен печат“.