Претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека денеска добивме најдобар извештај од Европската комисија во историјата на нашите евроатлантски интеграции, изразувајќи задоволство што Комисијата го препознала напредокот на Македонија и препорачала почеток на пристапните преговори за членство.
Во изјава по примањето на Извештајот, кој му беше врачен од евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, Пендаровски наведе дека Извештајот ги отсликува реалните состојби во Македонија.
– Имајќи го во предвид строгиот пристап во оценката на напредокот на секоја држава, Извештајот реално ги отсликува состојбите во РС Македонија. Европа денеска покажа дека знае да цени политичка храброст, компромисно решавање на тешките прашања во духот на европските вредности и политиките на добрососедство. РСМ направи решителни чекори, како на надворешно политички план, така и на внатрешен план преку спроведувањето клучни реформи неопходни за напредок кон европскиот пат, истакна шефот на државата.
Посочи дека во Извештајот на ЕК се препознаени нашите напори во насока на враќање на довербата на граѓаните во институциите со зголемената отчетност, транспарентност и одговорност на носителите на клучните политики, но и обврската за преземање одговорност во случаите каде што има идентификувани коруптивни дејствија.
С. Македонија, рече Пендаровски, напредува во оценката за реформите во делот на правната држава и правосудството не губејќи од вид дека е потребно интензивирање на реформите за што, како што рече, сигурен сум дека постои подготвеност кај сите засегнати политички партнери.
Претседателот изрази очекување дека Европскиот совет во јуни ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство.
-Очекувам С. Македонија да добие фер шанса и да се трансформира преку отворање на секое поглавје од пристапните преговори. Секое дополнително одложување на започнувањето со преговорите ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на европските процеси. Очекувам и барам од сите релевантни политички чинители во РС Македонија да ја препознаат важноста на моментот и преку одговорен и конструктивен пристап да дадат придонес за напорите на државата за нејзиниот напредок кон европскиот пат, истакна Пендаровски на заедничката изјава со евроамбасадорот Жбогар, премиерот Зоран Заев и спикерот Талат Џафери.