Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во Велес рече Силјановска да избере што ќе биде, претседател или врховен командант на Армијата. Тој вели дека без Преспанскиот договор нема членство во НАТО.
– Делумно е манипулација на нашите граѓани и потценување на нивната интелегенција, а делумно е зошто не знаат што зборуваат сега, што зборувале порано и што напишале во програмата. Пред 4 години госпоѓата има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Е па госпоѓо, без Преспа нема НАТО – одговори Пендаровски.
Во однос на обвинувањата од Драган Ковачки, Пендаровски рече дека не може да му се верува на некој што со судска пресуда е лажго.
– Многу е тешко да му одговориш на човек кој со судска пресуда неодамна е обвинет дека е лажго. Лажеше за една хациенда на министерката за одбрана. Судот, не јас или вие, рече дека лаже и јас не видов дека после таква судска пресуда се извини. Меѓутоа знаете што е разликата меѓу нив и нас – нивните први луѓе на Мицкоски, не само на Силјановска, лично мене ме навредуваат. Ме нарекуваат измеќар, слуга нечиј, ме нарекоа дури и инфантилен. И да се вратам на господинот Ковачки – колку вреди зборот на еден некогаш висок чин во војската кој побара НАТО безбедносен сертификат и беше одбиен. Знаете кого одбиваат за НАТО сертификат? Само оние кои работат против интересите на Македонија – одговори Пендаровски.