Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.

Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.

„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија”, подвлече Пендаровски.

Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.

Во меѓувреме на ФБ профилот објави:

Додека сите други само ветуваа, ние покажавме како треба да се работи во интерес на граѓаните и испорачавме резултати. Потврда за тоа е членството во #НАТО и отворање на преговорите со #ЕУ. Граѓаните отсекогаш носеле мудри одлуки. Знам дека и на 24 април со заокружување на бројот 1 ќе го направат вистинскиот, европски избор!