Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ во врска со настаните од Диво Насеље истакнува дека во тековниот процес не се опфатени сите клучни актери кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните.
– Моите информации се дека во тековниот процес за Диво Насеље не се зафатени сите клучни актери кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните. Значи, зафатени се… дали баш сите до еден, не навлегувам во тоа…, меѓутоа, зафатени се главно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми во предградието на Куманово. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се опфатени луѓето кои дадоа наредба тоа да се направи, бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа, и луѓето кои спроведуваа одредени претходни подготовки тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на јужна Србија, рече Пендаровски.
Во интервјуто зборува и за ветувањето на владејачката коалиција за меѓународна истрага, велејќи дека тој на координации пред избори инсистирал на меѓународна правна помош.
– Не знам зошто тоа досега не е направено. Тоа не е прашање за мене да го одговорам, меѓутоа и мене ме интересираше, затоа што, тврдам, дека случај кој има меѓународен аспект, а три држави, освен нашата, се инволвирани, би било добро да се одработи со заедничка меѓународна акција. Јас апелирам до надлежните органи, да побараат помош, рече Пендаровски.
За потсетување, во истата емисија, Пендаровски го „реши“ и историскиот проблем со Бугарија, тврдејќи дека апостолот на македонската револуција Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин, а работел за самостојна македонска држава.