Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими Неговото Височество принцот Едвард, грофот од Весекс, кој престојува во официјална посета на земјава.
Посакувајќи му добредојде во Македонија, Пендаровски изрази задоволство од посетата на Неговото Височество, оценувајќи ја како потврда за силните врски меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, соопшти кабинетот на претседателот.
Пендаровски изрази благодарност за севкупната британска поддршка за Македонија и изрази очекување дека во иднина таа ќе се продлабочува и проширува.
Тој го запозна принцот Едвард со приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски посочи на потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата.
Здрава животна средина е право на секој граѓанин на Република Северна Македонија, затоа претседателот ќе работи на подигнување на свеста и ќе ги поттикнува надлежните да обезбедат еколошки чиста средина.
На средбата принцот Едвард изрази задоволство од можноста по втор пат да ја посети Република Северна Македонија и на претседателот Пендаровски му честиташе за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во неговата работа, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.
Кабинетот на премиерот Зоран Заев соопшти дека тој присуствувал на пригодната вечера што беше организирана по повод посетата на принцот Едвард.
На вечерата, како што стои во соопштението од владината прес служба, премиерот Заев и принцот Едвард се задржаа во куси разговори со гостите, дел од стипендистите на академската програма Чивнинг на Велика Британија, претставници на организации што работат со деца и младинци, претставници на помладата генерација претприемачи од бизнис заедницата, претставници на организации со програми за човекови права, како и со претставници на граѓанските организации.
Во своето обраќање, неговото височество принцот Едвард, се заблагодари за топлиот прием во земјата при неговата повторна посета.
На вечерата премиерот Заев и принцот Едвард изразиле согласност дека партнерството меѓу Велика Британија и Македонија ќе продолжи и во иднина, во областите за кои двете земји имаат заеднички интереси.