Севкупните односи меѓу РС Македонија и Република Албанија, кои се карактеризираат со искрено пријателство и меѓусебно разбирање, бележат позитивен развој со континуиран дијалог, констатираа претседателот Стево Пендаровски и албанскиот амбасадор Фатос Река на денешната средба во Скопје.
Претседателот Пендаровски, информираат од неговиот Кабинет, нагласи дека во иднина двете земји треба да се посветат на унапредување на билатералната соработка, особено во областа на економијата и зголемувањето на трговската размена, како и на реализацијата на инфраструктурни проекти кои ги поврзуваат Македонија и Албанија.
Во однос на европските интеграциски процеси, претседателот Пендаровски нагласи дека е неопходно Европската Унија да ги валоризира напорите на двете држави преку одредување датум за почеток на пристапните преговори. Тоа ќе придонесе за дополнителна регионална консолидација и соработка меѓу земјите, беше потенцирано на средбата.
Двајцата соговорници истакнаа дека С. Македонија и Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели. Двете земји се посветени на градење на добрососедските односи и соработка во рамки на регионалните иницијативи.
Амбасадорот Река му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски и му посака успех во работата, изразувајќи уверување за натамошно унапредување на билатералната соработка во сите полиња од заеднички интерес.