Италија постојано ги поддржува стратешки цели на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, и на нејзина иницијатива ќе биде одржан вонреден состанок на Советот за општи работи на Европската унија на кој повторно ќе се отвори прашањето за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
Ова е истакнато на денешната средба во Рим на претседателот Стево Пендаровски со неговиот италијански колега Серџо Матарела.
Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Италија, беше пречекан од Матарела со државни и воени почести, по што двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба. Беше одржан и пленарен состанок со официјалните делегации на двете земји.
Пендаровски на средбата се заблагодари за постојаната отворена поддршка на Италија за нашите стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.
Притоа, претседателот Пендаровски додаде дека интегрирањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и НАТО е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.
Во овој контекст Пендаровски подвлече дека „С. Македонија нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ и не се прифатливи алтернативни модели за градење на односи на земјите од Западен Балкан со Унијата, различни од стандардите што ги поминаа сите членки во ЕУ како кандидати“.
На средбата меѓу претседателите Пендаровски и Матарела се разговараше за билатералните односи, при што се констатираше дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската размена, соработка меѓу бизнисите и збогатување на економската соработка.
Истовремено, претседателот Пендаровски на средбата упати покана до претседателот Матарела за официјална посета на Македонија следната година, покана којашто претседателот Матарела со задоволство ја прифати.