Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 9 Мај – Денот на Европа и Ден на победата над фашизмот.
Во пораката, како што соопштуваат од неговиот Кабинет, наведува дека пред седум децении тогашниот француски министер Роберт Шуман ја претстави својата визија за Европа во која истакна дека „Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план. Таа ќе се гради преку реални достигнувања кои првенствено создаваат де факто солидарност“. 70 години подоцна, визијата за Европа, како опција за одржување на мирот, заснована на принципите на соработка и солидарност уште трае.
-Уште од независноста во 1991 година, македонското општество ја избра Европската Унија како своја стратешка цел, прифаќајќи ги европските вредности на демократија, владеење на правото, економска соработка и просперитет за своите граѓани. Оваа година се оствари сонот на многу генерации, ја добивме одлуката за почеток на преговорите за членство, наскоро очекуваме да се определи преговарачката рамка, а по нејзиното одобрување да го почнеме пристапниот процес со првата меѓувладина конференција, наведува Пендаровски.
Во пораката додава дека пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ни ја покажа на дело важноста да се биде дел од европското семејство и поддршката која оваа заедница може да ни ја обезбеди за стабилност и просперитет.
Во пораката стои дека овој ден, исто така, го одбележуваме како Ден на победата над фашизмот. Пред 75 години, антифашистичката коалиција извојува голема победа со безусловната нацистичка капитулација.
-За време на Втората светска војна, и граѓаните на Македонија преку НОБ и партизанското движење, ја одбраа вистинската страна, одлучувајќи да се соочат со фашистичкото зло и да се борат да ја ослободат својата татковина за да и обезбедат просперитетна иднина. Нашата определба е да бидеме дел од Европа во која се почитуваат слободите на сите народи, да градиме отворено, праведно, солидарно и демократско општество во кое секој ќе се чувствува еднакво вреден, а младите ќе добијат шанса да успеат дома, истакнува Пендаровски.
Додава дека поради пандемијата со Ковид-19 годинава ќе изостанат бројните настани кои секоја година се одржуваа со цел да се одбележи Денот на Европа, како и Денот на победата над фашизмот. Сепак, потенцира, да го искористиме 9 Мај да се потсетиме дека мирот и благосостојбата на општествата немаат цена, а соработката и солидарноста се клучни ако сакаме да имаме развој и просперитет.