Македонија како едно општество за сите, е нешто за што се залагам јас и оние кои ме поддржуваат. Тој концепт е единствениот продуктивен за држава во вакво немирно балканско опкружување и држава со ваква етничка и религиозна разноликост каква што е Македонија, порача кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски на средбата со граѓаните на општина Аеродром.

Македонија треба да оди напред, а тоа рече е можно доколку сите чекориме напред и доколку се решаваат проблемите, што, според него, го прави оваа Влада. Напредокот на земјата, како што рече, Пендаровски го овозможува и преспанскиот Договор.

– За среќа се појави нова генерација македонски политичари која реши да не ги става проблемите под тепих и што е многу поважно, по цена на сопствената популарност на својот политички рејтинг и можност да ги загуби следните избори, да ги реши најголемите проблеми кои оваа држава ги има и тоа го направивме, рече Пендаровски и додаде дека таквата политика вродола со плод што, според него, се гледа и од денешната прва посета на премиерот на Грција.

Тој одговарајќи на прашање на граѓанин на собирот за таканареченото егејско прашање, рече дека со овој Договор и Заев и Ципрас направиле многу, направиле големи исчекори на кои се противел голем дел од јавноста во двете земји.

-Ципрас одржа говор во Парламентот на Грција при ратификацијата на Договорот во кој со најжестоки и досега нечуени во историјата на грчката политика зборови ја опиша бегалската епопеја и злосторствата што тогашниот режим во Грција ги има направено кон Македонците. Јавно на парламентарна говорница ниту еден Грк тоа не го направил. Не само јавно, туку тоа не го кажал ниту во приватен муабет и затоа треба да му се даде кредит, да го почитуваме тоа што и другите го направиле во овој зовриен политички контекст, рече Пендаровски.

Тоа, додаде, за оваа генерација грчки политичари предводени од Ципрас тоа е работа голема колку планина.

Запрашан дали доколку биде избран за претседател ќе ја интонира химната при некоја идна посета на грчки политичар на земјава, рече дека химната не е предмет на Договорот и оти како што два македонски града ќе го задржат префиксот македонски, и химната, како што потенцира, ќе продолжиме да ја пееме како што ја знаеме. Сепак, истакна тој, при посета на било кој политичари овде или во странство химните се во инструментална верзија

Вели дека како помала земја за своите интереси во меѓународните односи ние треба да се бориме со памет, а не со покажување мускули.  Заев, рече, тоа најдобро го покажува и на ниту една провокација од надвор не одговара на ист начин. За своите интереси рече, земјата може да се бори повеќе и подобро кога е внатре во евроатланските институции.

Пред Пендаровски на средбата со граѓаните говореше и новинарот Томислав Кежаровски, кој истакна дека доколку земјава не сака да се врати  во минатите темни години треба да поддржи човек како Пендаровски.

Идниот претседател, рече тој, треба да биде способен да гарантира мирен пат на земјата кон членство во ЕУ, да биде претседател на сите граѓани, да има свое видување на светот, треба да ги заштити оние кои не се како него и да им покаже дека Македонија е нивна земја во која можат да бидат тие што се.

Претходно Пендаровски имаше средби со граѓани во општина Центар, Сопиште и Студеничани.