Претседателот Стево Пендаровски од денеска до 13 ноември ќе престојува во Франција каде што ќе учествува на Парискиот мировен договор, а утре, како што е потврдено, ќе има средба со францускиот претседател Емаунел Макрон.
Пендаровски ќе има можност директно од шефот на француската држава да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање.
– Добиваме исклучително добра прилика како држава да присуствуваме на Париската мировна конференција и да ги изложиме аргументите на двете страни и да ги чуеме мотивите на францускиот претседател, рече минатата недела во изјава за медиумите Пендаровски.
Најави дека пред Макрон ќе ја повтори позицијата дека евроинтеграцијата на Македонија нема алтернатива и оти земјата е подготвена да продолжи по тој пат, независно дали тоа ќе биде според досегашната или по новата методологија што ја заговара Франција.
– Од наша страна, јас имам намера да кажам дека нашата позиција е, дека немаме никаква резерва према најавената нова методологија. Нека биде и петпати посилна и потемелна. Ние сме подготвени да влеземе во таков тип преговори и воопшто немаме никакава резерва према евентуална реверзибилност на процесот, изјави Пендаровски.
Истакна дека реформите не ги правиме за европските бирократи, туку за нашите граѓани и промената на името не е единствен наш адут.
– Слободно може да не враќаат колку сакаат назад, но битно е да почнеме бидејќи навистина испорачавме се што беше од нас побарано во изминатиот период, изјави Пендаровски.
Да нема илузиии, побара Пендаровски, дека може да постои човек на светот што ќе оди и ќе го разубедува францускиот претседател да ни даде датум за преговори.
– Ние сме мала држава, имаме силни аргументи кои ќе бидат кажани на таа средба, меѓутоа да не одиме со преголеми очекувања, затоа што ниту Америка, ниту Германија, никој никогаш не може да го убедува претседателот на Франција, изјави Пендаровски.
Шефот на државата, сепак, очекува во наредниот период да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит, пред сè Франција, која беше против почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
Пендаровски, покрај средбата со Макрон, утре ќе има и обраќање на форумот, на кој ќе учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади.