САД нема да го намалат своето воено присуство во воздухопловната база Инџирлик во јужна Турција, изјави портпаролот на американското Министерство за одбрана, Ерик Пејхон,

– САД нема да го ограничат своето присуство во Турција. Соединетите Држави со децении ја користат (базата) Инџирлик и ќе продолжат да го прават тоа со поддршка на нашиот сојузник од НАТО – Турција. Турција е наш сојузник во НАТО и сигурен партнер во коалицијата против Исламската држава, нагласи Пејхон.

Тој додаде дека сите свои активности во базата Инџирлик и на други локации во Турција, САД ги координираат со своите турски партнери.

– Тие целосно не поддржуваат, истакна Пејхон.

Изјавата на портпаролот на Пентагон претставува реакција на информацијата што ја објави грчката телевиизја Антена дека САД се подготвуваат да се повлечат од Инџирлик и дека ќе ги префрлат своите воени потенцијали во воздухопловна база во Грција.

Телевизијата тврдеше и дека Грција и САД преговарат за отворање воздухопловна база на островот Карпатос, кој е дел од грчкиот архипелаг Додеканези.

Американскиот весник „Волстрит Џурнал“ во средата објави дека командата на Вооружените сили на САД води преговори за проширување на своите операции и на територијата на Грција, преку користење на воздухопловните и поморските бази во земјата како логистика за воените акции.

Сепак, според весникот, кој се повикува на извори во Ворружените сили на САД, на базите во Грција, Вашингтон не гледа како на алтернатива на Инџирлик.