Срамота и гревота е, функционерите си ги качија платите за 78 отсто, а ние се молиме тука за 3.500 денари, беше порачано од денешниот протестен марш на пензионерите во Прилеп, кој беше најмасовен досега.

Поддршка доаѓа од повеќе градови од Македонија, протестираат и пензионерите во Тиквешко, Куманово, Каварадрци, Неготино… А целосна подршка за пензионерите има и од Пензионерскиот синдикат.

Птотестот на пензионерите во Прилеп беше најмасовен досега со марш по булеварот Гоце Делчев, од Основниот суд до споменикот на Карпалак каде им оддадоа почит на загинатите бранители.

– Зарем толку многу бараме што не сакаат да не слушнат? Луѓе, 3.500 денари се, не се милионски суми, тие можеби не можат ниту да ги замислат овие пари бидејќи се научени на многу. 78 отсто да си ги покачат платите, а ние се молиме тука за 3.500 денари, не само што е срамота, туку е и гревота, рече пензионерката Билјана Шекероска.

Слично коментираше, како што пренесе ТВ Сител, и пензионерката Марија Ристоска

– Ние животаркаме бре луѓе, срамота и гревота е да не му се даде на овој народ пензионерски. 3.500 денари се во прашање, не се 78 отсто. Нека му дадат на народот кој што се мачел, остававме коски за да земаме пензија и да живеем, а не да преживуваме, додаде Ристеска.

Слична е реакцијата и на пензионерката Вера Чакмакоска:

– Не бараме нешто невозможно, бараме мало линерано поткревање за еден марем малку достоен пензионерски живот, рече таа.

Парадоксално е тоа што пензионерите кои немаат поддршка од Партијата на пензионрите и денеска не добија поддршка од Здружението на пензионери во Прилеп, чиј објект повторно го чуваше приватно обезбедување. Пенизонерите се револтирани на тоа што со нивни пари се одржува објектот, а сега не можат да влезат таму, а со нивни пари се плаќа и обезбедувањето кое што не ги пушта внатре.

– Болно и жалосно во еден ваков град имаме самоизбрано претседателство кое што воопшто ниту еден ден не не поддржа. А во другите градови претседателите се секаде први со пензионерите, само Битола и Прилеп не се поддржани од претседателството, изјави пензионерката Верче Јанческа.

Реагираше и пензионерот Милан Пирганоски:

– Го чуваат 10-мина обезбедување, го замолив да за да слези не не оставаат, барем да се изјасни, да каже не сум со вас или да даде поддршка. Со наши пари плаќаат се, ова го нема никаде, рече Пирганоски.

Беше речено дека ако не се исполнат нивните барања ќе има масовен пензионерски протест во Скопје.

Кумановските пензионери на протест бараат зголемување на пензии

Кумановските пензионери денеска се собраа во просториите на здружението и побараа линеарно зголемување на пензиите во договор со државните институции, Владата и надлежните министерства. Тие бараат еднократно или повеќекратно зголемување сè до усвојување на ниво на минимален износ на пензии по групи пензионери усвоени ако закон за минимални пензии во државата.

– Бараме пензиите да бидат достоинствени, да обезбедиме мирен и спокоен живот во ова наше доба, во услови кога сѐ е покачено, храна, лекови. Не сакаме да се доведеме на работ на егзистенција, кажаа пензионери од Куманово во изјавата за медиумите.

Тие додаваат дека како претставници на пензионери од Куманово, град револуционер ќе повредат иницијатива до останатите здруженија во државата, заеднички да излезат и да ги кажат барањата пред властите.

Кумановските пензионери го обвинија сегашното раководство на здружението на пензионерите дека не им дозволило да си ги бараат правата и побараа здружението да работи волонтерски.

– Иницијативниот одбор смета дека актуелното раководство е нелегално избрано во март, годинава и не ја прифати нашата иницијатива. Одборот сака да започне постапка за промена на статутот кој засега е „таен документ“, не е видлив за останатите членови и е пречка и рамка за заткулисно поставување подобни личности во служба на невидливи моќници кои се во нашите редови, ама незабележани, рече Љубица Алексовска Костиќ, претставник од иницијативен одбер.

Пензионерите најавија дека ќе протестираат секој понеделник. Кумановското здружение брои над 15.000 членови и едно од најголемите во државата.

Зголемување на пензиите линеарно по 3.500 денари побараа пензионери од Неготино

Зголемување на пензиите линеарно по 3.500 денари и утврдување на минималната пензија на 18.000 денари, побараа денеска незадоволни пензионери од Неготино.

– Бараме донесување на закон за утврдување на методологијата за пресметка на пензиите, што значи најмалите пензии да се покачуваат најмногу, рекоа од Иницијативниот одбор на пензионери, нагласувајќи дека кон протестот се придружиле и пензионери, дел од раководството на неготинското пензионерско здружение.

Пензионерката Ката Апостолова од Иницијативниот одбор, додаде дека ги поддржуваат сите протести и барања на пензионерите низ државата.

Пензионерскиот синдикат ги поддржува протестите на пензионерите

Пензионерскиот синдикат при Конфедерацијата на слободни синдикати го поддржува барањето на пензионерите за линеарно усогласување на пензиите.

Пензионерските протести, како што наведуваат од Синдикатот, ги поддржуваат поради револтот кај пензионерите од зголемување на платите на функционерите од 78 проценти.

– Незадоволството на пензионерите исто така е предизвикано и од високата инфлација и високите цени на прехранбените производи кои се неопходни за живот на пензионерите, а растот на пензиите од 2019 година наваму е минимален. Статистиката покажува дека за една година најмногу поскапела храната, се наведува во соопштението.

Според синдикатот, статистичките податоци покажуваат дека има над 176.000 пензионери кои примаат пензија пониска од минималната плата, која не ги задоволуваат основните животни потреби.

Пензионерскиот синдикат бара да се спроведе законско решение со кое просечната пензија ќе биде 60 проценти од просечната нето исплатена плата, а сите пензии линеарно да се корегираат.

– Просечната нето исплатена плата за месец мај 2023 година изнесува 36.465 денари. Доколку се применува нашето предложено законско решение просечната пензија да биде 60 проценти од просечната плата, просечната пензија би изнесувала 21.879 денари. Разликата би изнесувала 2.829 денари од пензијата исплатена во мај 2023 која изнесува 19.050 денари. Тоа би значело дека ПСМ предлага линерано усогласување на сите пензии за 2.829 денари, се вели во соопштението.