Пензионерите денеска ќе одржат протест во Скопје барајќи повисоки пензии. Како што е најавено, тие прво ќе протестираат пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионери, а потоа ќе се упатат кон Министерството за труд и социјална политика каде ќе бараат средба со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата. Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови, а за денеска е најавен протестот во Скопје.
Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите. Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.
Пензионерите се незадоволни, а овој протест на пензионери од цела Македонија следува по протестите кои се одржаа во многу градови низ Македонија, на кое тие го изразија својот револт од ниските пензии и најавеното покачување за 6 отсто од власта која своите плати си ги покачи за 78 отсто. Како што е познато, со одлука на Уставниот суд, пролетоска платите на функционерите беа зголемени за 78 проценти.