Самиот побара помош за лекарства, за да го победи лошиот вирус, сега за помошта враќа безмерно. Гевгеличанецот Перо Рујковски донирал крвна плазма за да спаси 27 годишна кичевчанка која е заболена од вирусот. Денеска самиот ни се јави. Исто како во декември лани кога скромно ни пиша да му помогнеме. Тогаш раскажа дека успеал да го помине вирусот но дека нема пари да се долечи. Бараше помош. Ние помогнавме со објава на текст и неговата сметка. Рујковски вели – имало донации. Му помогнале. А тој е татко на четири деца. И има жена со инвалидитет.

И колку е само голем, колку е благодарен.

Сега решил самиот да помогне. Со пари не може ама може со својата крв. Ќе спаси живот. И тоа млад живот

„Вие еднаш ми помогнавте и јас сум многу благодарен. Децата видселе во некоја група на социјалните мрежи дека има потреба од лекови и ги донирав тие антивирусни лекови – моксирал кои ми останаа. Напишав и дека можам да донирам и крвна плазма, дека сум нулта позитив. Немаше половина час, ми пишаа дека ми бараат телефонски број. Го дадов ми се јавија и се договоривме. Требаше да се донира за 27-годишна девојка од Кичево. Утредента се заврши се. Дадов крв. Одбив паричен надомест ги земав само соковите за освежување, вели Перо.

Тој сега се чувствува добро иако има повредена рака.

Кога тој бараше помош велеше вака:

„И јас сум еден од многуте кои директно се соочија со оваа страшна болест. Морам да кажам дека навистина ги почитував сите мерки за заштита од корона вирусот, но бидејќи мојата сопруга е лице со инвалидитет, а имаме четири деца, јас сум тој што мора да ги завршува сите работи. И да пазарам, и да одам по други набавки и децата да ги снабдам со сè што треба. Веројатно, некое мое мало невнимание беше доволно да се заразам. Здравствената состојба ми стана толку тешка што мораа да ме хоспитализираат. Имав обилна пневмонија и цели 25 дена останав на лекување во гевгелиската болница. За терапијата и лековите што да ви кажувам. Сега имам друг проблем, а тоа е  што не можам да си ги купам лекарствата кои се уште морам да ги пијам, прескапи се, рече тогаш.

Сега Рујковски дури и ги подарил останатите лекови. Неговата големина нема цена. За својот гест сега не бара ни пари.