Пет вооружени бродови на иранската Револуционерна гарда вчера имале неуспешен обид да запленат британски танкер со нафта во Персискиот залив, пренесе ДПА.

Агенцијата се повика на телевизијата Си-Ен-Ен, која цитира портпарол на американската централна команда.

Танкерот навлегол во Ормутскиот теснец, кога кон него се доближиле иранските бродови ( патролни чамци) и му наредиле да запре во иранските територијални води, тврди Си-Ен-Ен.

Капетанот на фрегата „Монтроус“, на британската флота, брод што го придружувал танкерот, ги насочил своите орудија од палубата кон иранските бродови и ги предупредил да се оддалечат, што тие го сториле, пренесе ДПА.

-Ние сме загрижени за ова акција и продолжуваме да апелираме до иранските власти да придонесат во деескалацијата на ситуацијата во регионот, изјави Бил Урбан, портпаролот на американската централна команда.

Велика Британија минатата недела заплени ирански танкер со нафта во Гибралтар под сомнение дека ги прекршува санкциите против Сирија. Овој потег доведе до дипломатски спор меѓу Велика Британија и Иран. Сето ова се случува во време кога се засилуваат тензиите околу превозот на нафта низ Персискиот залив и особено со кризата околу иранската нуклеарна програма и договор со големите сили.

Вашингтон го обвинува Техеран дека стои зад серијата неодамнешни напади врз трговски бродови во близина на Ормутскиот теснец, забелеа ДПА.

Портпаролот на британската Влада изјави дека иранските чамци „се пречка за поминување “.

Официјален Лондон утринава потврди дека „три ирански чамци вчера се обиделе да му застанат на патот“ на британски танкер со нафта во Персискиот залив, што довело до зголемување на тензиите во животно важниот морски теснец, пишува весникот „Гардијан“.

-Во спротивност со меѓународните закони три ирански чамци се обиделе да го запречат пловењето на бродот „Британско наследство“ низ Ормутскит теснец, изјави портпаролот на британската Влада рано утринава.

Весникот додава дека, според неофицијални информации, првично се сметало дека  имало пет ирански чамци.

Според официјален Лондон, британскиот воен брод „Монтроус“ бил „принуден да се позиционира меѓу иранските чамци и танкерот и да издаде вербално предупредување“, кон иранските чамци, што подоцна и се оддалечиле.