Вработените во американскиот Стејт департмент, кои сега во Сирија, ќе бидат евакуирани во рок од 24 часа, изјави неименуван претставник на американските власти.

Тој рече дека САД планираат во целост да ги повлечат воените сили од Сирија, откако ќе заврш финалната фаза на последната операција против терористичката група „Исламска држава”, пренесува БТА. Временската рамка за повлекување на војниците се очекува да биде помеѓу 60 и 100 дена.

Весникот „Волстрит џурнал” пишува дека одлуката за повлекување е донесена лично од американскиот претседател по разговор со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган. Турција ги смета за терористичка организација „Сириските демократски сили“ – курдско-арапска коалиција, која е сојузник на САД во борбата во Сирија против „Исламска држава”.

– Сето она што следи е спроведувањето на она што беше договорено за време на овој телефонски повик, рече неименуваниот американски официјален претставник.

Претходно денеска портпаролката  на Белата куќа Сара Сандерс рече дека САД почнале да ја повлекуваат својата војска од Сирија. Таа појасни дека враќањето дома на американските војници претставува нова фаза во кампањата против терористичката организација „Исламска држава”.

– Победите над ИД во Сирија не значат крај на глобалната антиџихадистичка коалиција или на нејзината кампања. Почнавме да ги враќаме американските војници дома, бидејќи минуваме кон нова фаза во оваа кампања, рече Сара Сандерс.

Таа потсети дека пред пет години ИД била „моќна и опасна сила на Блискиот Исток”, но сега САД ставиле крај на калифатот, прогласен од групата во териториите со кои владееше.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја постигнале својата цел во Сирија, односно постигнале победа над терористичката група „Исламска држава“.

„Ја поразивме групата `Исламска држава` во Сирија, единствената причина, според мене, поради која бевме таму за време на моето претседателство“, напиша тој на Твитер.

На тврдењето на Трамп за поразот на ИД реагираше државниот секретар во британското Министерство за одбрана Тобајас Елуд. „ИД се преобрази во други форми на екстремизам и заканата и натаму постои“, напиша тој на Твитер.