Педесет и четири отсто од Бугарите се со негативна прогноза за тоа каква ќе биде 2023 година за светот – 29 отсто од нив очекуваат да биде лоша како 2022 година, а 25 отсто стравуваат дека новата година би можела да биде полоша од 2022 година.
Ова го покажува националното истражување на Exakta, спроведено во периодот од 5 до 12 декември 2022 година, јави БТА.
Дваесет и три отсто од Бугарите очекуваат 2023 година да биде подобра за светот од 2022 година. Ова е мислењето на претежно млади, образовани, богати луѓе и жители на главниот град на таа држава.
Скептицизмот кај Бугарите расте за новата година за Европа – 61 отсто имаат негативни очекувања. Третина од нив очекуваат дека 2023 ќе биде лоша за Европа како 2022 година, а 28 отсто сметаат дека 2023 година може да биде полоша. Добра 2023 година за Европа очекуваат четвртина од испитаниците – главно млади и образовани луѓе со висок стандард, како и жители на главниот град.
Најпесимисти се за тоа каква ќе биде новата година за Бугарија – 65 отсто од испитаниците изјавиле негативни очекувања. Според 36 отсто од нив, 2023 година ќе биде полоша од 2022 година, а според 29 отсто, 2023 година ќе биде лоша како 2022 година. Оптимистите за иднината на Бугарија се преполовиле во последната година.
Уделот на Бугарите кои имаат оптимистички очекувања за 2023 година изнесува 17 отсто.