Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитри Песков денеска изјави дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е во Москва и не исклучува дека ќе стапи во контакт со руските власти.
– Колку што знаеме, тој е во Москва. Не е договорена средба, но не исклучуваме можен контакт, одговори Песков на новинарско прашање.
Тој разговараше со новинарите еден ден откако рускиот нафтен гигант Газпром објави дека ќе го намали снабдувањето со гас за Германија преку гасоводот „Северен поток 1“ на само 20 отсто од капацитетот, оправдувајќи го со исклучување на една турбина. Германија го отфрли тоа оправдување.
Герхард Шредер некогаш беше клучна фигура во енергетските односи меѓу Русија и Германија. Тој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, а потоа прифати функција во Надзорниот одбор на руската државна нафтена компанија Росњефт.