Пет дена семејството на 28-годишната Марија Брзакова од струмичко Босилово нема сознанија каде би можела да исчезне младата жена, која во саботата наутро излегла од својот дом и не се вратила.
Пред два дена во телефонски разговор за Фокус нејзината мајка, Валентина апелирала до сите кои што имаат било какви сознанија околу тоа каде би можела да биде Марија, веднаш да се јават во полиција.
Утрото кога излегла од својот дом, таа била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела ташна, мобилен или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса.
– Таа е мајка и сопруга, никогаш не би ја оставила ќеркичката – вели мајката на Марија.
Денеска од СВР Струмица потврдија дека потрагата по Марија трае и се преземаат сите потребни мерки за нејзино пронаоѓање.
– Се пребарува теренот, вклучени се и кучиња трагачи. Повеќе информации не можеме да ви дадеме во моментот, во интерес на истрагата, и покрај големиот јавен интерес за случајот, вели Хризантема Рендевска портпарол на СВР Струмица.