Техничкиот премиер  Оливер Спасовски денеска прими делегација на Здружение на судии, предводена од претседателот на Здружението, Џемали Саити, а на средбата присуствуваше и министерката за правда Рената Десковска.

Премиерот, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека Владата останува посветена на дијалогот со Здружението на судии до постигнувањето на крајната цел – исполнување на нивните барања меѓу кои и зголемувањето на коефициентот на плати на судиите.

– Овој процес треба да се води низ дијалог и партнерство. Врз основа на вашиот предлог за зголемување на платите, потребно е да се направи анализа и во Министерството за финансии и да се утврди динамиката на изготвување законско решение за овие барања, им порача Спасовски на судиите.

Претседателот на Здружението на судии, Саити изрази задоволство од текот на дијалогот со Владата и од инклузивниот процес кој овозможува решавање на прашањата од интерес на судиите и судството.

Претставниците на Здружението истакнаа дека продолжуваат разговорите со Владата и оти е забележан напредок за сите отворени прашања. Разговорите за зголемување на коефициентот на платите продолжуваат и беше потврдено дека за ова прашање веќе е формирана работна група.