Речиси 5.000 тони сливи скапуваат на нивите во радовишко, регион кој е најголем производител на слива во државата. Според земјоделците кои вчера излегоа на протест и го блокираа регионалниот пат Радовиш – Струмица поради немањето на откуп тоа е половина од годинешното производство, пишува Нетпрес.
Сливата во овој регион првин се откупувала по 8 денари за килогхрам, што е нерентабилно, за подоцна откупот целосно да запре. Земјоделците разочарани велат дека волку ниска не била цената на сливата никогаш во последните години, тие коментираат дека лани истата ја продавала и за 20, па дури и за 24 денари од килограм, а откупот бил навремен и целосен.
Штетите од пропаднатиот и неоткупен род се огромни. Скоро 5000 тони сливи кои скапаа на нивите се штета од 100 милиони денари или над 1.6 милиони евра, само за земјоделците производители на слива во радовишко, ова се огромни штети, кои земјоделците неможат да ги надоместат и директно ќе влијае на нивната егзистенција. Дополнително поради немањето на приходи истите ќе имаат потешкотии и при одржувањето на нивниот насад во текот на наредната година.
– Нема организација, од промените кои настанаа се поназад одиме и поназад, вели еден од земјоделците кои вчера го блокираа патот Радовиш – Струмица.
– Кажуваа и ветуваа дека ќе биде подобар живот, не е подобар живот, полош живот испадна. Ние неможеме што сме фамилија што имаме инвестирано 1500 евра нашите пари да си ги извадиме, а камоли да живееме догодина, ако мислат на тој начин да живеат и они да не лажат нас земјоделците нека си кажат ако не се способни, вели друг од земјоделците.
Радовишко не е единствен регион каде производителите на слива мака мачат со откупот, откуп нема ни во делчевско и беровско, региони кои после радовишко се втори производители на слива во државата. Вкупните штети во целата држава се проценуваат дека ќе бидат огромни.