Актуелната гарнитура која владее во Македонија, меѓу другите ветувања како опозиција, на власт дојде со ветување дека ќе го укинат екстерното оценување „на режимот“. И, за разлика од многу други ветувања, ова го исполнија, а резултатите од нивната „реформа во образованието“ и укинувањето на екстерното оценување е од 292 одлични ученици на тест за гимназија 39 добиле единица.

Поради големиот интерес за упис во скопското средно училиште „Орце Николов“, гимназијата во понеделникот спроведе квалификациско тестирање по предметите македонски јазик и математика.

На тестирањето учествуваа 292 ученици коишто основното образование го завршиле со одличен успех и сите оценки им биле петки.

Според ранг листата со резултатите од тестирањето која е објавена на сајтот на гимназијата „Орце Николов“, од 292 ученици кои имале одличен успех во основното образование со сите петки, на тестовите по македонски јазик и математика 39 ученици добиле единици (1). 70 ученици заслужиле двојки (2), 133 кандидати биле оценети со тројка (3), 39 ученици покажале знаење за оценка четворка (4), а само 11 ученици постигнале одлични резултати со оценка пет (5).

Од вкупно тестираните 292 ученици, во прва година се примени 251 ученик. Долната граница за положување на испитот е 45 поени.

Тестирањето по двата предмета траело 90 минути.

(М. П.)