На 4 февруари Бугарија и С. Македонија подготвуваат заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање, најави бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание, јави дописникот на МИА од Софија.
Петков додаде дека премиерот на РСМ, Димитар Ковачевски една седмица е премиер и од овие осум дена, четири дена поминал со бугарската Влада и изразил желба да дека сака да има резултати со прашањето со Бугарија.
Петков денеска на барање на партијата ГЕРБ одговара на прашања за средбите со премиерот Ковачевски.
Петков рече дека македонските министри кои престојувале во Бугарија биле во голем број и постигнале голем напредок во повеќето теми од разговорите со нивните бугарски колеги.
На заедничката средба беа потпишани три меморандуми, во многу клучни области, меѓу кои и Коридорот 8, којшто според бугарскиот премиер Кирил Петков е тргнат од листата на европски проекти и доколку двете земји сакаат повторно да го воведат на агендата на ЕУ, тоа ќе се случи со заедничка работа, рече Петков.
Тој рече дека додека траеле разговорите за економијата и инфраструктурата, двете страни разговарале и за теми кои се важни за Бугарија – правата на Бугарите во РС Македонија и рамковната позиција.
Кирил Петков во Народното собрание на Бугарија рече дека Ковачевски изјавил дека не гледа проблем со вклучување на Бугарите во Уставот на С. Македонија, без каже временски рокови. Тој појасни дека веќе не зборуваме за пет плус едно, туку за четири плус едно барање, и дека тоа само по себе е напредок.
-На секои седум дена се организира датум за состаноци, рече Кирил Петков и додаде оти се радува дека дури и заедничката историска комисија ќе има три состаноци во наредните месеци.
Петков најави дека Бугарија нема намера да смени ниту еден член од бугарскиот дел на историската комисија. Тој исто така рече дека смета оти бугарската Влада направила добра работа во тие две недели.