Пишува Тодор ПЕТРОВ
“Не верувајте им на Данајците и кога дарови ви носат“ е фраза од епот “Енеида“ на Публиј Вергилиј Марон, роден на 15 октомври 70 година п.н.е., починат на 20 септември 19 година п.н.е. во Калабрија. Тој е римски поет, најзначајниот претставник на античката римска поезија, кој творел во времето на Цезаровиот наследник – Октавијан Август. Негово најпознато дело е епот “Енеида“, во кој поетски се прославува родот на Јулиевците. За време на животот, Вергилиј не објавувал, но по неговата смрт, по налог на Октавијан Август, биле објавени сите негови дела… По 1300 години од неговата смрт, Вергилиј бил издигнат на пиедестал од страна на Данте Алигиери…
Во раскажувањето на Вергилиј за Тројанските војни, како што е забележано во епот “Енеида“, кога Данајците го напуштиле брегот на Троја, оставиле зад себе дрвен коњ, очигледно како подарок за луѓето од Троја, кои ги држеле во опсада со години. Тројанскиот свештеник Лаокун ги советувал Тројанците да не го внесат коњот во градот! Но, коњот бил внесен во градот. Оттука, славната реплика на Лаокун “Не верувајте им на Данајците и кога дарови ви носат!“ Тројанците не знаеле дека внатре во коњот е скриена мала група Данајци, кои откако градот заспал, излегле од коњот и ги отвориле портите на Троја за влез на Данајската армија. И така Троја, според митологијата, била поразена…
Деновиве, бомбардирани од антимакедонизмот на Софија, во речиси сите медиуми се постираат изјавите на Никос Коѕиас, потписникот на Спогодбата со Никола Димитров од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. Насловите на “воодушевување“ најчесто се “Коѕиас во одбрана на Македонија!“
Е, аман бре луѓе, па Коѕиас не ни е пријател та не брани од антимакедонизмот на Софија! Коѕиас само ни набива рогови како што му ги наби на Зоран Заев без (врато)врска во македонското село Нивици! Коѕиас наводно ни го брани јазикот од наездата на Бугарите, дека Бугарија не треба да не’ негира, бидејќи “во Северна Македонија се родила нова нација!“ Ние за Коѕиас сме нова нација родена на 17 јуни 2018 година! Атина во ништо не е поразлична од Софија! И Атина како и Софија, не го признава постоењето на Македонскиот народ и Македонскиот јазик! Владините агитпропи ќе кажат, како не ни е признат Македонскиот јазик од Атина, спомнат е во Спогодбата Димитров-Коѕиас! Да, само е спомнат, но каков Македонски јазик кога нашиот го сметаат за “словенски“ од зад Карпатите, а во Грција за Македонски јазик се смета дека е “старо-грчки јазик“, бидејќи Атина има ексклузивно право на употреба на именката Македонија и придавката Македонски, нам Македонците ни е избришана историјата јужно од Гевгелија! Зоран Заев со Спогодбата Димитров-Коѕиас целата историја на Македонија од антиката до денес и’ ја подари на Атина, иако Грција за првпат во својата историја, Македонија ја окупира за време на Балканските војни 1912-1913 година, со декрет на грчкиот крал Горгиос Први од 31 декември 1912 година за “воспоставување на времена управа врз ОКУПИРАНИТЕ териториии на Македонија!“
Никос Коѕиас, се разбира, ја напаѓа екстремно-десничарската партија ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) на министерот за одбрана Красимир Каракачанов поради грчки интереси, не заради нас Македонците! Никос Коѕиас ја напаѓа Софија, затоа што во времето на бугарското претседателство со Европската Унија од 1 јули до 31 декември 2020 година, во дворот на Националниот замок на културата во Брисел, поставила споменик на лав со штит со картата на “Санстефанска Бугарија”. Никос Козиас посочува дека Атина го предупредила Европскиот совет оти Каракачанов “спроведува политика надвор од рамките на ЕУ” затоа што на картата на “Санстефанска Бугарија“ цела Егејска Македонија и Тракија се делови од Голема Бугарија!
Затоа, не радувајте им се на Данајците и кога дарови Ви носат! Тоа го прават заради нивните, а не заради нашите македонски интереси!